Monday, February 1, 2016

Ликовна критика


Status #100 – 55/45: Лесна и тешка артилерија


*** ...
Во 1998 година во Музејот на Град Скопје едновремено беа поставени две изложби: „Барок во едното“ на Станко Павлески и „Писма“ на Славица Јанешлиева. (Плавевски, 1998; Vilić, 1999)

 Сл. 4 Станко Павлески, „Барок во едното“, 1998
 
Сл. 5 Славица Јанешлиева, „Писма“, 1998

Едновремените поставки во Музејот (на Павлески во долниот, подрумскиот дел, а на Јанешлиева во Отвореното графичко студио) ми понудија еден специфичен ракурс на гледањето, а и на читањето на двете. Тогаш за прв пат помислив на именувањето: „тешка и лесна артилерија“. Павлески постави 15 метални „сандаци“ врз чија горна површина насложи разнородни и по материјал и по форма и по композиција елементи кои делуваа моќно и заради нивниот акумулациски ефект и заради извонредната техницистичка изведба, однапред промислени до секој можен детаљ, но и со севкупноста на една специфичнакриптична атмосфера (сл. 4). Во другиот простор Јанешлиева, пак, постави една „завеса“ малоформатни графички листови со детаљи од нејзините приватни, лични и интимни сегменти и предмети (дури и сноп коса) од нејзината преписка со баба ѝ и пластифицирано „спакувани“ (сл. 5). Наспроти тешкоста, општоста, сериозноста и криптичноста на Павлески беше лесноста, деприватизираноста, деинтимизацијата, лелеавоста на Јанешлиева. Наспроти „тешката артилерија“ на Павлески беше „лесната артилерија“ на Јанешлиева, заклучив тогаш без некоја посериозна аргументација. Но, без разлика што ова го мислев со години, никогаш не го објавив. Почекав да видам како и двајцата ќе се развиваат. Павлески стануваше сè пообемен и посложен, Јанешлиева сè подеприватизирана и сè подеинтимизирана. И двајцата, во меѓувреме останаа носители на главните струења во македонската уметност.


 

2 comments: