Saturday, November 30, 2019

ОД ГРАДОТ - самостојна изложба / FROM THE CITY - solo exhibition

ОД ГРАДОТ - самостојна изложба / FROM THE CITY - solo exhibition


 


  

Оваа изложба е посветена на градот. На мојот град. Скопје.
Градот сум јас и јас е градот. Градот сте Вие и Вие е градот.

Многу изложби и настани беа и се посветени на начинот на кој Скопје се менува и обликува. И јас на суптилен начин „говорам“ за тоа, но не сакам само да критикувам или пак да величам, туку сакам да соопштам свои размислувања, сеќавања и чувства низ визуелизации исполнети со метафори и симболи.
Изминатава година промислувајќи ја оваа изложба, движењето низ градот всушност ми беше и активно посматрање, забележување, трагање, наоѓање, фотографирање, собирање, зачувување на мали нешта, кои навистина чудно, секогаш имаа некаква врска со нешто мое: сеќавање, приказна или доживување.
Ако генерализирам, тогаш би кажала дека со оваа изложба „говорам“ за доживеаното, за она што силно го чувствуваме, но тешко го опишуваме. Дали ова е намерно или ненамерно предизвикано, од кого, што и како, е небитно. За мене е важно да не ве оставам рамнодушни.
Изборот на просторов не е случаен. Трагав по интимен, но запуштен/напуштен/осамен простор. Простор кој не сведочи само за сегашното време и присуство, туку и за некое минато. Простор кој заедно со делата ќе помогне во разработката на темите за минливоста и менливоста, за непостојаноста, но и за сеќавањето и вечноста.
Истовремено, фактот дека овој приватен и интимен простор, барем на неколку саати постанува отворен и јавен, а потоа повторно се враќа во првобитната приватна, интимна и затворена состојба, ми помага да си поиграм со размислувањата за личноста и општеството: оформувањето на личноста од страна на општеството (луѓето или градот) и обратно т.е. оформување на општеството (или градот) од страна на личноста.
Ќе забележите дека делата се проткаени со секојдневно (помалку или повеќе) присутни (видливи и опипливи) нешта. Сите пронајдени (собрани/сочувани/фотографирани) во градот, на улица или во двор. Дадени од градот за мене и вас/нас.

Можеби е непотребно, но сепак, заради полесно „читање“ на делата сакам да ги наведам моите толкувања на метафорите и симболите (како и посочување на мои дела на кои се надоврзувам). Сепак, не инсистирам тие да се целосно Ваши.

Кројачки шнит: обликување (кроење) на личноста; различни влијанија кои придонесуваат кон формирањето на личноста (како спојување на поединечните парчиња исечени според шнитот, во носливо парче облека); креирање на нечија или сопствена судбина; животни насоки

Бројки: лично/интимно значење и/или појаснување на визуелната приказна

Пајаци: страв, заштита, мајчинство, плетење, кроење, дом, напад (лов)

Мравки: гризење, работа/труд, слога, морници, алчност, себичност, нелагодност

Полжави: дом, патека на движење/трага/улица, спирала, бесконечност (Кршливоста на животот, 2001)

Ластиче за коса: приказна

Небо: иднина, живот на мислата, игра (Небомантија, 1999)

Шах: војна, борба, живот, патеки/улици/насоки, упорност (Шах и овча кожа, 2001; Играта, 2006; Пренаселеност, 2016)

Стакло: кршливост, непостојаност, болка

Шише: содржина, сеќавања, мириси/вкусови

Сенки: комуникација, спротивставеност, друга димензија (Сенка, 2011/13)

Мијалник: испирање, чистење

Вода: информација, разбурканост


Простор 1

Славица Јанешлиева
Само нешто волку мало може да биде насекаде 1
цртеж на хартија и стакло, 41х100х3см., 2019
детали (долу)



Славица Јанешлиева
Само нешто волку мало може да биде насекаде 73
цртеж на хартија со дрвени бои и шпенагли, колаж и цртеж на стакло со контур паста, 45х100х3см., 2019
детали (долу)



Простор 2

Славица Јанешлиева
Болка
две фотографии (45х65см.), димензии менливи, 2019
детали (долу)
 


Славица Јанешлиева
Ви ги претставувам 1987, 1988 и 1989
дигитално обработена фотографија (41х100см.), три шишиња со сируп и текст; димензии менливи, 2019
Ви ги претставувам 1987, 1988 и 1989

Во подрумот од куќата, наредени на полица, чувам стари стаклени шишиња полни со домашен сок. Не можам да се натерам да ги фрлам.


Ова лето се посветив на исчитување на Господинов. Меѓу другото тој пишува и за својот подрум. Еден куп зборови, реченици, пасуси подвлеков и издвоив, ама веднаш се „фатив“ за шишето што дедо му го одвоил на денот на неговото раѓање: „Тоа шише сега би требало да има четириесет и четири години. Ако го најдам и отворам ќе ја имам дестилирана цела 1968 година... Бројот сончеви денови во текот на тоа лето, раноесенскиот дожд, влажноста на воздухот, квалитетот на земјиштето, болеста на виновата лоза, внатре е запишана целата историја, во стакленото шише.“[1]  Ете ги пред вас, ви ги претставувам до пола изветреани 1987 и 1988 година и полна 1989 година. Ако не се сеќавате, ѕирнете во стаклениве шишиња, полни со историја и записи.
  

[1] Господинов, Георги. Физика на тагата, Или-или, Скопје, 2015, стр. 168
  

Простор 3


Славица Јанешлиева
Само нешто волку мало може да биде насекаде 2 - Во својата куќичка
цртеж со дрвени бои (41х100см.), празни куќарки од полжав во стаклено ѕвоно (45х45х8см.) и фотографија (45х45см.); димензии менливи, 2019
детали (долу)
 


Славица Јанешлиева
Шахот како метафора за животот
цртеж со дрвени бои на хартија, две шаховски фигури, цртеж на стакло со контур паста и текст, 45х100х3см., 2019
детали (долу)




 Шахот како метафора за животот
Прво го најдов белиот пион, а по неколку дена и вториот, ама црн. Не ги најдов во ист ден. Видов уште неколку шаховски фигури паднати/фрлени на улица, но од некоја причина не ги земав.
Зошто наоѓам шаховски фигури?!
Чудно, но шахот како постојано да е присутен во мојот живот. Не сум некој играч.  Порано играв повеќе, и тоа веројатно бидејќи татко ми се уште активно играше шах, а јас сакав да научам, за да можам да му парирам. Ама не бев баш упорна.
Кога играм со бели фигури, знам само два начина на отворање. Уствари може да почнеш на неколку начини, ама јас обично почнувам со d4 или со c4. Ви кажав дека најдов две шаховски фигури паднати/фрлени на улица?
Имам направено неколку дела со шах и шаховска игра, ама одамна размислувам за дело во врска со Боби Фишер. Ме фасцинира неговата опседнатост со шахот и неговиот живот. Односно фактот дека со неговиот најголем успех, започнува неговиот крај (како шахист, мислам). 
Гледајќи документарец за Фишер и трагајќи по симболика во врска со двете најдени шаховски фигури, се задржувам на шестата партија, од мечот за Светски првак со Спаски. Фишер наместо вообичаеното отворање c4 (што го знам и јас како лаик) отвара со е4 и уште на самиот почеток го збунува Спаски кој целата тактика ја подготвувал за вообичаеното отворање на Фишер. Спомнав дека најдов две шаховски фигури паднати/фрлени на улица?

„Шахот, како и животот е игра на издржливост. Сите живи суштества, па и ние луѓето, сме во континуирана игра за преживување, се додека не се соочиме со мат и играта заврши. Тогаш шаховската табла се мести од почеток за да почне новата игра, и така до бесконечност продолжува борбата за преживување.“[1]

Ви кажав дека најдов две шаховски фигури паднати/фрлени на улица?


[1]Анонимен автор, објавува под псевдоним Лир. Chess like life is an existential game. All living creatures including us as kings are in a continuous game for survival until we're checkmated and the game is over. The board is then cleared and a new game can start in a never ending cycle of struggles for survival.


  
Славица Јанешлиева
Комуникација
цртеж со дрвени бои на хартија, цртеж на стакло, колаж од кројачки шнит и најдени ластичиња за коса, 45х100х3см., 2019
детали (долу)


Комуникација
Оваа година, при посета на еден изложбен простор, запознав постар човек, кој ми остави силен впечаток. Мислам дека беше шеесет или седумдесет годишен. Со седа коса и брада, облечен во црно. Пријатен и елоквентен човек. Со жар и страст зборуваше за уметничката колекција, за предизвиците и успесите, а сепак остануваше чудно сталожен и мирен. Како да знаеше нешто за мене непознато и зрачеше со пренослива мирнотија и мистичност.
Уште кога влегов во просторот, на дел од книгите и каталозите наменети за разгледување и продажба, забележав наредени (не многу педантно) црни ластичиња за коса.
По разгледувањето на колекцијата, човекот разборен и расположен  сакаше да ми ја покаже својата просторија/канцеларија која ја нарекуваше ќелија. Во „ќелијата“ на долга полица, десно од вратата, повторно забележав наредени црни ластичиња за коса. Човеков немаше долга коса и ластичињата, претпоставував, не се негови. Си помислив дека можеби е некаква уметничка интервенција што не ја разбирам, па прашав што е работава со ластичињата. Неочекувано добив искрена исповест за трагична загуба (сопруга и син). За болката и справувањето со неа. На крајот ми кажа: „Можеби ќе мислите дека сум луд, ама јас од тогаш постојано и насекаде наоѓам црни ластичиња за коса и сакам да верувам дека така комуницирам со нив.“.
Сега ми беше јасно што знае човеков, а јас не знам. Тој научил да живее со болката и пронашол начин животот и покрај се да има смисла и да му биде поднослив.
Е сега, она што е уште почудно, но веројатно објасниво со свесноста за погоре раскажаното, е што од тогаш јас речиси секојдневно на улица наоѓам ластичиња за коса, но не се само црни.
Автор на текстовите: Славица Јанешлиева

Голема благодарност до семејство Велков, особено Гордана Велков (Touch The Space).
Фотографии: С. Јанешлиева
Изложбата е финансиски поддржана од Град Скопје.
https://denesmagazin.mk/izlozhba-na-slavitsa-janeshlieva-od-gradot/


No comments:

Post a Comment