25.05.2014, 17:22
ВИРТУЕЛНИОТ СВЕТ НЕ Е ДОВОЛЕНСлавица Јанешлиева-Бачварска вон.проф. на Факултетот за ликовна уметност и графичар Катерина Богоева Под наслов „Визуелно размислување“, на Факултетот за ликовни уметности во Сули-ан, месецов можеше да се види интересна изложба на единаесет студенти од втора година на Студиската програма по графика. Вниманието го привлече разновидноста на изложените дела, сериозноста во пристапот на формулирањето на младешките светови. Каква задача им зададовте? Изложбата е всушност резултат на истоимениот, едногодишен проект финансиски поддржан од УКИМ. По реализираните предавања, следуваа работилници на кои со учесниците-студенти се истражуваше, дискутираше, селектираше и практично се работеше на три зададени теми: „Еден ден (24 часа)“, „Идентитет“ и „Вчерашниот ден“. Всушност студентите требаше да бидат крајно искрени, и од идеја преку боја, форма, фотографија, симбол/знак, објект и текст да дојдат до фазата - реализација на дело (објект, инсталација, видео итн.) без ограничување во медиумот. Покрај практичниот дел, од нив се очекуваше и текстуално да ја образложат идејата и истражувањето. Во каталогот за изложбата велите дека во време кога информациите се брзи, евтини и неограничени постои проблем на споделување на визуелните дела на прониклив и забавен начин. Имаат ли само младите таков проблем и што е причината? Мислам дека се' повеќе стануваме зависни од можноста да добиеме секакви информации без да станеме од столчето и да го тргнеме погледот од мониторот. Но тие информации не се секогаш проверени и доволни. Виртуелниот свет не е доволен. За да бидеме свесни за околината мора да ги вклучиме и останатите сетила. Освен Вас, автори на изложбата и истоимениот проект се и проф. Ладислав Цветковски и Гоце Наневски. Што ново успеавте да дознаете преку реализираните предавања и работилници за студентите, нивната имагинација, преокупациите? Овој тип на работа со студентите има обостран бенефит и ја олеснува и збогатува нашата секојдневна комуникација. Искреното разменување информации, преокупации, интереси и идеи е многу битно. Особено ни се допадна нивниот ентузијазам кон истражувањето и создавањето, вниманието со кое ги примаа информациите и инструкциите, начинот на кои се соочуваа со создавање дело кое за разлика од графиката не е нужно да е во рамка и на ѕид. Соочувањето со визуелизацијата на делото и организацијата на изложбениот простор беше предизвик за нив. Постерот-каталог е исто така сработен од учесниците во проектот. „Визуелно размислување“ беше добра можност за нив да го проследат и учествуваат во целокупниот процес на создавање и отворање изложба. А кои се Вашите актуелни творечки преокупации? Подготвувате ли можеби нова самостојна изложба? Јас сум „зависник“ од престојот во моето ателје и постојано творам и изложувам. Деновиве ги испратив селектираните дела од жири за второто Меѓународно триенале во Белград. На 12 јуни се отвара 15. Меѓународно триенале на мала графика во Лоџ, Полска, каде што учествувам со 2 графики, а во септември по покана на организаторот учествувам на 17. Меѓународно биенале на мал формат во Белгија. |
Статијата е прочитана 731 пати.
No comments:
Post a Comment