Приказни од самоизолациjа
Ситуацијата не дозволува креативно опуштање
Постои мит за осамениот уметник, односно дека подобро твориме во изолација. Но кога изолацијата е наметната, нужна и општа, не е едноставно.
Како мајка, првенствено се грижам мојот дванаесетгодишен син Дино да ја разбере оваа исклучително алармантна ситуација и да ги практикува неопходните мерки за заштита и хигиена, исхрана и сл. Училишните обврски сега пристигнуваат на електронска адреса, и иако и јас веќе неколку дена со моите студенти комуницирам за и на зададени задачи, и одржувам консултации преку сите расположливи далечински комуникациски алатки, свеста, организираноста, мотивацијата и исполнителноста на дваесетгодишните студенти и децата основци е на сосема различно ниво.

Морам да признаам дека сѐ уште си дозволувам кратки прошетки и возење точак со Дино, притоа внимавајќи да нема блиски контакти, а секое излегување од станот е стресно поради допирање квака, копчиња од лифт… За среќа, убавите сончеви денови можевме да ги искористиме со престој на отворено, во прекрасна природа, задавајќи си одредени проекти „направи сам“ за недовршената викендичка и големиот плац на Скопска Црна Гора. Дома, пак, читаме, гледаме филмови, играме карти или некои други игри, разгледуваме фотографии, слушаме музика, јас цртам едно, тој друго, но морам да признаам дека чувствата на немоќ и на непријатност како последица на ситуацијата со која се соочуваме, не дозволуваат мое креативно опуштање, туку напротив некаков грч, барем засега, иако се трудам максимално да го искористам овој период како „подарок“ за да си посветам време себеси и на најблиските. Како ќерка, пак, на родители во осмата декада, ме плашат информациите од државите каде што епидемијата има сериозен замав, па моите контакти со нив се минимални и со заштита, но не можам да бидам сигурна дека тоа е доволно.
Скопје го немам доживеано во вакво издание, дури ни во летните месеци, кога е испразнето поради годишни одмори и горештина. Тивко, со малку возила, со малку пешаци (некои со маски, други не, но речиси сите внимателни и на дистанца едни од други), со испозатворени продавници, кафетерии, ресторани… Овој мир би требало да е релаксирачки, но со информациите што ги имаме застрашувачка е тишината во град што треба да вибрира. Ми недостига дружба со пријатели, одење на изложби, на концерти… безгрижно одење во продавница. Ме нервира предупредувањето на невнимателни луѓе, кои влегуваат во продавница/аптека и покрај двајца-тројца внимателни, кои чекаат пред врата. Ме радува човечноста кај други, кои ти посакуваат добро здравје и совет да се чуваш. Ме радуваат телефонски повици и долги разговори, а и добрата музика на радио. Ме загрижува што многу луѓе се чувствуваат осамени.
Славица Јанешлиева, уметница
No comments:
Post a Comment