Интервју со Славица Јанешлиева за македонскиот павилјон на биеналето во Венеција: Аспекти на „странецот“ во современиот живот
Мисловниот и творечкиот процес во создавањето на делото „Inter Spem et Metum“, кое е поставено во македонскиот павилјон на 60. Уметничко биенале во Венеција, го дознаваме од ликовната уметница Славица Јанешлиева.
Трансмедијалниот и транснаративен проект „Inter Spem et Metum“ на Славица Јанешлиева е национален претставник на 60. Уметничко биенале во Венеција. Носител на проектот е НУ Национална галерија на РСМ, комесар е д-р Дита Старова Ќерими, директор на НУ Национална галерија, а куратор е д-р Ана Франговска, кустос советник во НУ Национална галерија. Проектот е претставен во објектот „Скуола деи Ланери“ во Венеција, а е поддржан од Министерството за култура на РСМ.
Славица Јанешлиева (1973) е визуелна уметница со изразен мултимедијален и интермедијален пристап. По образование е графичар, но нејзиниот препознатлив израз и исклучителна дарба за визуелна нарација ги пренесува преку различни медиуми. Досега имала триесетина самостојни изложби и учествувала на над 270 групни претставувања. Првпат е македонски претставник на најголемата светска изложба на современата уметност.
Македонскиот павилјон на 60. Уметничко биенале во Венеција ќе биде отворен до 24 ноември. Какви чувства понесовте од отворањето на изложбата на 18 април?
– Изминатите четири месеци беа исполнети со секојдневна креативна и организациска работа за претставувањето на Македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале. Отворањето на павилјонот со изложбата „Inter Spem et Metum“ е заокружување на креативниот процес и свечен чин. Поставката е каква што ја замислив и посакував, презадоволна сум и многу благодарна на малиот тим за вложениот труд, ентузијазмот, професионалноста и пожртвуваноста. Отворањето беше убаво и во пријатна атмосфера на колеги и пријатели од нашата земја и соседството, како и странски куратори и уметници кои се одзваа на нашите приватни покани за присуство.
За жал, на отворањето немаше официјални институционални и државни претставници, како што беше тоа случај со отворањето на сите други павилјони. Изложбата ја отвори кураторката на проектот д-р Ана Франговска, а поздрав кон присутните упатив и јас. Се надевам дека во иднина нашата држава ќе сфати дека овие значајни меѓународни светски настани го отсликуваат нашиот однос кон уметноста, културата и државноста, воопшто. Националните претставници – уметниците не се претставуваат само себе и институцијата што конкурирала со проектот, но, пред сѐ, Министерството за култура, односно државата РС Македонија (а тука мислам и на Амбасада и Конзулат).
Каков поттик за размислување беше главната тема на Биеналето со наслов „Странци насекаде“?
– Темата на биеналето беше објавена во јуни 2023 година. Ми се допадна широчината на темата. Иако јас во творештвото се занимавам со припадноста и преселбите/бегалството и можев да ја сфатам буквално, сепак сакав да работам на ново и свежо дело кое ќе ги сублимира моите творечки пориви и истражувачки пракси и размислував како да допрам повеќе аспекти на „странецот“ во современиот живот, односно мојата реалност. Се соочив со многу прашања на кои сакав да понудам одговор: Што е странец? Кој е странец? Имам ли јас такво чувство? Што е дома? Каде е дома? Уметникот како странец? Жената како странец? Кого прифаќаме? Зошто прифаќаме? Јазикот? Нацијата?… Сфатив дека треба да се фокусирам на различноста.
На кои претпоставки или факти го засновавте Вашето дело „Inter Spem et Metum“ („Помеѓу надеж и страв“)?
– Уметничкото изразување е многу интимно пренесување на мисли, чувства, состојби… За да дојдам до крајниот резултат истражувам, размислувам, прочистувам, пробувам, скицирам, одлучувам, работам. Овој процес бара голема трпеливост и доза на интроспекција и самоспознавање. И токму затоа што тоа е долготраен мисловен и творечки процес, во делата сакам да бидам повеќеслојна.
Во творештвото често употребувам дрвени рамки – кутии кои ги сметам за мали простори во кои можам тридимензионално да се изразам. Одлучив дека Венециското биенале е добра шанса да направам голема кутија, што ќе биде симболична претстава за мој интимен простор сместен во поголемиот простор на „Скуола деи Ланери“, Венеција, Италија. Таа голема бела кутија од 70 м2 ја поделив на два дела кои комуницираат меѓу себе и со другиот простор. Левата просторија е бела и светла и исполнета со паткини пердуви фатени во големи проѕирни перници од тул, а на ѕидовите со лед неон е испишана реченица. Десната просторија е црна и темна, едниот ѕид е големо огледало, пред огледалото е оптегнат проѕирен тул, на него се проектира она што го снима камерата за надзор. Одразот во огледалото и холограмската проекција вкрстуваат ракурси на поглед.
Првата приказна на која се сетив, а која нѐ учи за прифаќање на различните е „Грдото пајче“ од Х. К. Андерсен. Препрочитувајќи ја неколкупати, ми се допадна динамиката на контрастите. Контрастите се важен дел од „Inter Spem et Metum“. Надеж и страв. Бело и црно. Прифаќање и неприфаќање. Светло и темно. Пердув и огледало. Меко и тврдо. Среќа и тага. Видливост и невидливост.
Симболиката на светлото, темното, пердувот и огледалото играат значајна улога во доживувањето на делото. Мекотијата при газењето на проѕирните перници од паткини пердуви и огледувањето во огледалото со дополнителната перспектива/визура на другиот, која се проектира холограмски во просторот. Преминувањето од светлиот во темниот простор го замислував како лет (како губење на познатото тло) и токму пердувите и играта на перспективите со огледалата и проекцијата ми го овозможија тоа, одењето станува несигурно и наликува на полетување.
И овојпат употребувам текст. Реченица од „Грдото пајче“, која со разлика од еден збор ја има и во „Малиот принц“ и која вели дека најбитните работи се гледаат со срцето, а не со очите. Реченицата го потенцира мојот став за важноста на доживување на уметничкото дело со вклучување што повеќе сетила, но и најважното, чувствувањето. Ова дополнително го овозможува звукот, композицијата, која ги потенцира контрастите, обединувајќи го целиот простор со преработените звуци од секојдневието.
Важноста на поединецот е потенцирана со интерактивноста, односно неопходноста на посетителот за постоењето на делото. Во темната просторија, доколку нема посетител нема огледување и проекција од камерата. Камерата за надзор е истовремено и синоним за сеприсутното современо следење на нашите активности и упад во интимата.
Латинскиот наслов е поради интернационалниот карактер на изложбата или има и друга заднина?
– Секако не е случајно. Има врска со историјата. Со Римската Империја и со сегашна Италија. Секако и со широката употреба на латинскиот јазик во минатото, како и остатоците на латинските изрази во правото. Правото и демократијата треба да ја гарантираат слободата. Но, дали е така?!
Во светот отсекогаш постоеле причини за миграција, физичка и духовна. Можностите за средба со Другиот во современиот свет се многу поголеми од порано. Каква порака упатувате со Вашето дело?
– Да, миграциите не се ништо ново. Постоеле и ќе постојат. За мене птиците се симбол за миграција, но и за слобода. Затоа ги користам пердувите. Емигрантите и имигрантите ги перципираме како различни. Но и ние сме различни. За да ја прифатите својата и туѓата различност, односно Другиот, треба да се запознаете добро себе и да бидете комотни во сопствената кожа. Затоа го користам огледалото и проекцијата.
Мислам дека луѓето во голема мера не се познаваат себе, туку се перципираат низ мислите и ставовите на другите/другиот. Кога личноста ќе се запознае и засака себе, тогаш е слободна и толерантна кон различните. А тоа е главната порака што сакам да ја упатам: Сите сме различни, треба да се прифати различноста и слободата на избор.
Низ каков процес на креација и презентација на проектот поминавте со кураторката Ана Франговска?
– Ова е мој прв самостоен проект што го работам со Ана Франговска. Иако сме работеле на многу групни проекти и професионално добро се познаваме. Секако, разговори, размена на идеи и размислувања беа неопходни, особено при оформување на предлогот за проектот, кој сакавме да биде предизвик и задоволство за работа и за двете. Секоја од нас си повлече поголем товар во својот домен на работа, но си помагавме и се надополнувавме. А ваков проект не може да сработат само две лица, со нас беа и мал тим на професионалци пријатели, со кои взаемно се почитуваме и несебично си помагаме.
Роковите се многу кратки. Иако темата на Биеналето се објавува уште во јуни, тукашниот конкурс се објави на крајот на септември, а резултатите се објавија на крајот на декември. Биеналето си има свои процедури и рокови што почнуваат од средината на јануари. Така што од јануари до сега бевме во постојана трка на подготовки и достигнување на роковите, а напоредно и развивање на поставката, како и сите административни процедури.
Претставување на Венециското биенале е комплексен проект што бара многу ангажман и човечки ресурси за да ја совладаат целата логистика. „Inter Spem et Metum“ е поставка осмислена за просторот во објектот „Скуола деи Ланери“, а во Скопје го поставивме двапати, за да можеме да го визуелизираме проектот и да согледаме евентуални недостатоци, опрема и проблеми, како и да направиме фотографии, видеа и сите неопходни промотивни материјали.
Транспортот на делата исто е логистички предизвик, не само со подготовка на документација, туку и со заштитното пакување. Во „Скуола“ следеше градење на делото т.е. просторот од 70 м2 кое ангажираната екипа го изведе исклучително професионално и брзо, а потоа и местење на целата поставка (местење теписони, мрежа за криење на кабли во ѕидови, позиционирање на лед-неон натписи, поставување камера и проектор, лепење огледала, тул преграда, местење на звук, лепење на катер букви…). Напорно, но исклучително искуство.
Имавте ли можност да посетите и павилјони на други држави и уметници, и какви се Вашите импресии од Биеналето?
– Имав само два дена за таа намена. Секако ги искористив да видам што повеќе, иако не успеав да видам сѐ. Биеналето е фантастичен уметнички настан со прекрасна атмосфера и е доживување што не треба да се пропушти. Ми се допадна главната изложба во „Џардини“, која претставува уметници од Јужна Америка кои за нас се генерално непознати, а фантастични. Од тоа што видов впечаток ми оставија павилјоните на Италија (Масимо Бартолини), Сенегал (Alioune Diagne), Јужна Африка (колектив „Madeyoulook“), Сингапур (Robert Zhao), Малта (Matthew Attard)… Исклучително ме допре изложбата „City of Refuge III“ на Берлинде (Berlinde De Bruyckere). За жал, ние немаме павилјон во „Џардини“ или „Арсенале“ и сме надвор од жижата на настаните. Сепак, нашиот павилјон е на добра локација и првиот ден по отворањето имаше околу 1500 посетители.
Што за уметникот лично значи да биде национален претставник на најголемата светска изложба на уметноста?
– Да се биде национална претставничка на Венециското биенале е голема чест и одговорност. Тоа не се случува често. Да бидам искрена, не знам ни дали може да се издржи често. Покрај моето име стои и името на кураторката, на комесарката и логоата на Националната галерија и Министерството за култура на РСМ. Фактот дека се претставуваат државни павилјони укажува дека настанот покрај уметнички е и дипломатски, односно градење мостови. Во павилјоните влегуваат уметници, куратори, љубители на уметност, амбасадори од целиот свет. Комуникацијата е отворена и лесна, бидејќи сите се дојдени да разменат искуства и да уживаат во визуелното творештво.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 228, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.4.2024)
No comments:
Post a Comment