Thursday, December 15, 2016

http://www.plusinfo.mk/vest/96743/izlozba-na-slavica-janeshlieva-%E2%80%93-bacvarska-vo-prilep



Плусинфо  09:39 15 декември 2016 ● Прочитано 198
Изложбата „Состојби“ од Славица Јанешлиева – Бачварска ќе биде отворена утре во 19 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
„На рамниште на визуелната презентација, најновата изложба на Славица Јанешлиева „Состојби“ следи како продолжение на нејзините претходни реализа­ции со инсталации/објекти кои егзистираат паралелно со нејзините остварувања во доменот на графичкиот медиум. Артикулацијата на нејзиниот уметнички израз со пошироко и сеопфатно преиспитување на актуелните состојби и општествени аномалии, како и со генерално девалвираното секој­дневно живеење, во случајов е презентирана во шест одвоени амбиентални сегменти, изведени со за неа препо­знатлив директен и специфичен ракопис, кој инсистира на продлабочени релации слика-значење. 
Со презентираните објекти, кои се доживуваат како сериозно осмислени визуелни конструкции, следејќи ја Бартовата семиотичка синтагма „the image is representation“, авторката генерира системи на значења со универзален, а не само со локален контекст. Исчитувањето на условената нарација на делата од дадената поставка не е условено од хронолошки редослед; основна е сликата за состојбите што го креираат секојдневното (не)функционирање на општество­то, пренесена од авторката преку објектите-означувачи со репрезентациска моќ, кои се во корелација со различни контроверзни појави од човековото опкружување.
Логично се присутни јасно диференцирани авторски стојалишта, од кои во дадениот случај би ги издвоиле/потенцирале: ставовите кон горливи теми про­излезени од контекстот на општите приказни наспроти интимните психолошки дијалози; чувството за поврзаност и условеност на нештата во поширок контекст; дијалектичкиот односот на делот и целината, афтореферен­цијалноста, личните и општи приказни, меморијата и сегашноста, реалноста и метафорите - сето тоа прецизно сецирано и моделирано во сопствените спротивставености со помош на нарацијата како структура што ги поврзува. „Материјализирани“ елементи со симболично значење што ги среќаваме во континуитет во ова творештво се огле­далата, текстот, везот, перниците, шахот, лажиците, додека текстуалната нарација ја провоцира публиката на раз­мислување и иницирање дијалог. Техничката извед­ба е резултат на долготраен процес во кој се вткаени мануелна изведба, енергија, емоции и различни расположенија. Користејќи предмети што имаат секојдневна употреба, Јанешлиева со нагласени интервенции им го менува значењето, со што тие стануваат знаковни носители на повеќе асоцијативни пораки кои рефлекти­раат кризи од различен вид и се можност за поврзување на сопственото и туѓото доживување.

Делата се концепциски структурирани на ниво на повеќе внимателно селек­тирани симболични елементи со мноштво генерирани интеррелациски значења. Во „Имигрант или емигрант или можеби јас“, низ долготрајниот и мачен процес на изработка (најсилна аналогија може да се воспостави со претходното дело „Крик“), рачно се сошиени 2700 патенти и се аплицирани 11 килограми бонбони од фабриката за слатки „Европа“, коментарот еманира од мачното патешествие за подобар живот во кој се измешани чувствата и трауматичните искушенија. Во „Пренаселеност“ среќаваме еден од омилените предмети на авторката - шахот како стратегиска и тактичка игра (каква што е и светската политика), која бара соодветно ниво на перцепција и е чиста визуелизација на значаен глобален про­блем. Огледалата повторно се присутни во „Трите страни на приказната“ и суге­рираат огледување, преиспитување, рефлектирање на „вистината“ и на последи­ците од перцепциите, однесувањата и размислувањата. „Високо образование“ е директна симболична визуели­зација за еден локален, но и глобален проблем на неселективност во високообразовните институции, додека „Споменик за крајот на 20-от и почетокот на 21-от век“ претставува метафора за искажување незадо­волство и претстава за луѓето што бегаат и се во потрага за подобар живот (спо­ред авторката шаторот е најчесто среќаваниот објект во изминативе години и е симбол на дадениот период). „Лов од заседа“ поттикнува повеќеслојна анализа на наметнатите стереотипи на женскоста во присутните квазитрадиционални па­тријархални норми. 

Споменатата контроверзност како термин претставува означител на нешто што е спорно, дискутабилно, но на универзално ниво го губи основното значење токму поради агресивната леснотија со која се наметнати состојбите за кои го­вори авторката и нивната ноншалантна прифатеност како нормални секојдневни појави, најконформистички игнорирани. Изложбата „Состојби“ е материјализира­на ангажирана критика на секое поле на современиот живот - падот на морал­ните вредности, економската експлоатација што генерира војни, уништувања и раселеност, наметнатите патријархални кодови, континуираната и продлабочена криза на образованието, социјалните/егзистенцијалните про­блеми, културно про­паѓање со сите придружни морални дилеми и агонија на постоењето. Генерална карактеристика на овој, како и на претходните проекти, е постојаното потврду­вање на позицијата на Славица Јанешлиева во совреме­ната македонска уметнич­ка продукција, произлезена од карактеристичниот луциден третман на критички­те модели на стварноста, се наведува во рецензијата на изложбата од Маја Чанкуловска-Михајловска.

No comments:

Post a Comment