Sunday, February 26, 2017

Interview - Utrinski vesnik

24.02.2017, 15:53
СЛАВИЦА ЈАНАШЛИЕВА-БАЧВАРСКА, ЛИКОВНА УМЕТНИЦА - ПОРИВОТ ЗА ТВОРЕШТВО Е СИЛЕН, БЕЗ ОГЛЕД НА ОКОЛНОСТИТЕ


Јас сум ликовен уметник по професија, а не од хоби. Поривот да творам е премногу силен, без разлика на околностите во кои се наоѓа ликовната уметност и каков е статусот на ликовниот уметник во нашето општество денес.


Славица Јанешлиева-Бачварска е реномирано име во областа на ликовната уметност кај нас. Сосема на почеток, да не потсетиме на фактите - колку изложби и претставувања се зад Вас досега?
Досега имам 26 самостојни претставувања (во Македонија, САД, Холандија, Словачка и Швајцарија) и повеќе од двесте учества на групни меѓународни и национални изложби речиси низ целиот свет.
На групните изложби учествувам по покана од организаторот, односно институцијата или кураторот на изложбата, или пак тоа се манифестации од биенален и триенален карактер каде што се учествува по пат на конкурс и со селекција од страна на стручна жири-комисија.
Она што е можеби малку познато е дека на сите изложби од меѓународен карактер, покрај името на уметникот е напишано и името на државата која ја претставува, во мојот случај Република Македонија. Значи, несомнено покрај фактот дека се претставуваме и промовираме себе, ние уметниците ја промовираме и претставуваме и нашата држава.

Вашата професионална патека, по завршувањето на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, но и магистратурата, води во многу светски метрополи, каде што сте прикажале многу од вашите дела. Можете ли да издвоите кои од нив биле најуспешни и најпосетени?
На самостојните претставувања најмногу посета има секако кога изложбата е во Скопје, бидејќи Скопје е мојот град. Во Скопје сум родена, живеам, работам и творам. Од самостојните изложби надвор од Македонија, од аспект на професионална подготовка и реализација на истата, би ја издвоила изложбата во галеријата на Македонскиот центар во Њујорк, во 2011 година, во организација на Националната галерија на Македонија. Тоа беше една мала ретроспектива на дел од моето творештво. Потоа изложбата во Босвил, Швајцарија, резултат на четири месечен студиски престој во Кунстлерхоус Босњилл, која ми е драга поради повратните реакции од страна на посетителите: локални ликовни уметници, историчари на уметност и критичари. Всушност покрај претставувањето на она што сме го сработиле, изложбите се наша можност за остварување контакти, но и шанса за стручно издржан повратен коментар и дискусија.
На групните изложби не присуствувам секогаш и тешко ми е да се направам строга селекција од толку голем број на групни изложби од различен карактер. Но ете, би го издвоила минатогодишното претставување во Националниот музеј на Тајван, каде што од пристигнати 1240 графики од 80 земји, меѓународното стручно жири селектира 250 графики, меѓу кои и мојата графика (единствена од Македонија), и ми ја додели дипломата „финалист“ потпишана од тамошниот министер за култура. Би го споменала и Меѓународното биенале на мала графика во Белгија, каде што по покана учествувам наназад веќе десетина години. Организаторот на оваа манифестација создава одлична колекција на мала графика и ја анимира белгиската публика за оригиналната уметничка графика. Во овој контекст би ја споменала и изложбата „Дијалози - Македонската уметност денес“ (курирана од З. Теодосиевски) претставена во повеќе градови меѓу кои Париз и Рим, и за која имаше осврт и во престижниот весник „Ле монд“.

Најчесто, кои мотиви доминираат во вашата уметничка „приказна“. Што може најмногу да ве инспирира? Велат само природата и вештиот сликар може да ја направат глетката убава, разиграна, колорна.
По едукација сум графичар, но творам во многу области на визуелната уметност. Секоја област си има своја специфика и можности за реализација. Обично употребувам медиум кој сметам дека најдобро ќе ја пренесе мојата идеја.
Во оваа прилика би сакала да укажам дека графиката е област од ликовната уметност која малкумина вистински ја познаваат. Основната карактеристика на уметничката графика е мултиоригиналноста. Делото се изработува во некоја од многуте графички механички и/или хемиски техники (на висок, длабок, плошен, пропустен и во последните неколку декади и дигитален печат) или пак со нивно комбинирање. Потоа изработената матрица/клише (механички или хемиски обработена подлога од линолеум, алуминиум, цинк, бакар, плексиглас и сл.) се печати (најчесто со помош на графичка преса, едноставна машина со ваљаци и запчаници, обично на мануелен погон) во ограничен број на оригинални графички листови.
Мотивите и инспирацијата се насекаде, дури и во обичното, во секојдневното. Уметниците се обично многу сензитивни луѓе, односно забележуваат, опсервираат, насетуваат и размислуваат за нешта кои за останатите се можеби небитни. За мене е многу значаен процесот на мисловно посматрање, времето поминато со своите мисли (самотијата во ателје или во природа), времето кога ги прочистувам искусените сензации и се обидувам мислата да ја преточам во нешто опипливо или пак истата да ја преточам во визуелна информација.

Вашата професионална карта е богата и од педагошки аспект. Бевте продекан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, доцент на Катедрата по графика, а од минатата година сте и редовен професор. Со сите тие обврски, професионални и приватни, ви останува ли доволно време за сликање за своја душа, односно, барем онолку колку вие сакате да сликате?Да, успевам некако да најдам време за работа во ателје. Можеби не колку што сакам, но сепак наоѓам. На моја возраст покрај професионалните и творечките, тука се и приватните обврски на мајка, ќерка, сопруга, сестра...
Откако ги завршив студиите, по десет години исклучително активно творештво и професионална излагачка дејност како самостоен уметник, во 2006 год. се вработив како доцент на Катедрата по графика, на Факултетот за ликовни уметности, при УКИМ. Како резултат на ангажманот во наставната, научно-уметничката, стручната и професионалната работа, минатата година сум избрана во наставно-научното звање редовен професор. Еден период бев и продекан на ФЛУ, што беше напорно, но непроценливо искуство за мене.
Наставната работа бара голема посветеност, присуство, желба и енергија за да може да се пренесат акумулираните вештини и знаења на младите генерации – студенти, идни ликовни творци. Покрај наставата, постојат низа на други обврски и активности на факултетот за кои се потребни дополнително време и енергија, а особено поради фактот што постои недостаток на кадар - наставници и соработници (што се должи на повеќегодишната „политика“ на неодобрување на нови вработувања во високото образование, како и необновување на испразнетите места на пензионирани, починати или на друг начин прекинати работни места), како и заради скромните или непостоечките вложувања за осовременување на стручните лаборатории и ателјеа.
За да се напредува професионално, но и за да се биде во тек со современото светско визуелно творештво потребно е постојано да се твори, да се изложува и да се присуствува на меѓународни манифестации. Јас сум ликовен уметник по професија, а не од хоби. Поривот да творам е премногу силен, без разлика на околностите во кои се наоѓа ликовната уметност и каков е статусот на ликовниот уметник во нашето општество денес.

Состојби, Хаику впечатоци, Моите кутии, Филантропски пориви, Калемење, Наративи и симболи, Небомантија се дел од насловите на Вашите самостојни изложби. Која е следната што може да ја очекуваме и под каков наслов?
Би сакала да е толку едноставно и моите самостојни претставувања да зависат само од тоа дали создавам дела или не. Колку и да е романтична општо прифатената претстава за професијата ликовен уметник, за самостојните изложби сепак покрај голема желба, потребни се и многу време, финансиски средства, посветеност и енергија, неопходни за создавање на делата, како и за нивна подготовка за јавна презентација, а секако присутни се и многу организациски активности. Пред неколку месеци ја поставив самостојната изложба „Состојби“, во октомври (во Скопје во Мала станица, Национална галерија на Македонија) и декември 2016 (во Прилеп, во Ликовната галерија). Институциите кои ги организираа овие две мои поставки на „Состојби“ добија средства (од Министерството за култура на РМ), кои за жал покрија само дел од организациските трошоци и едно навистина скромно каталогче. Веќе подолг период состојбите во културата, поточно ликовната уметност се загрижувачки. За жал нашите опции за обезбедување на средства за организирање на изложби се многу скромни, а спонзорства ретко и тешко се наоѓаат.
Навистина би сакала во периодот кој следи да успеам да организирам меѓународно претставување на „Состојби“, но времето ќе покаже. За оваа година планирав самостојно претставување со изложбата „Впечатоци“, во галеријата на Македонскиот центар во Њујорк, но за жал мојот предлог на годишниот конкурс на Министерството за култура беше одбиен.
Останува оваа година да ги реализирам веќе договорените учества на Меѓународното биенале Папермаде, во Италија и неколкуте кураторски изложби (селекции) во и вон Македонија. Секако продолжувам и со активностите за учества на изложби кои се по пат на селекција од меѓународно стручно жири, за оваа пролет тоа се Меѓународното биенале на сува игла во Ужице, Србија и Меѓународното биенале на графика во Варна, Бугарија.
Статијата е прочитана 832 пати. 

No comments:

Post a Comment